Како кожата на лицето реагира на стрес

“Ма, тоа ти е од стрес!“

Колку само пати сте ја слушнале оваа реченица кога сте се пожалиле на некој проблем? Се чини како во последно време причина за сите проблеми мора да биде стресот.

За жал, во мноу случаи стресот навистина и е причината, иако можеби ви се чини дека во прашање е нешто друго.

Хроничниот стрес може неповолно да влијае на вашето психичко здравје, имунитет, па дури и да биде причина за развој на одредени кардиоваскуларни болести.

Но, дали сте знаеле дека и вашата кожа реагира на стрес, особено кожата на лицето? Така е, големи или мали неправилности на кожата на лицето може да бидат последица на стрес. И можеби токму поради тоа, и покрај бројните препарати што ги користите, не забележувате подобрување.

Ќе ви помогнеме да ги препознаете дали неправилностите и проблемите на вашето лице ги предизвикало стрес, но и како да се изборите со него.

КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕШ СТРЕС НА ТВОЕТО ЛИЦЕ

Хроничниот стрес може да влијае на кожата на лицето на два начина.

Кога сте под стрес, вашето тело отпушта одредени хормони кои може да водат до физиолошки промени и негативно да влијаат на вашата кожа.

Исто така, поради стрес несвесно правите многу нешта кои и штетат на вашата кожа. Тоа може да биде претерано допирање на кожата на лицето, чепкање и стискање на мозолчиња, гризење на усните и слично.

АКНИ

Кога сте под стрес, вцашето тело произведува значајно поголема количина на хормонот кортизол, кој е познат и како хормон на стресот. Кортизолот влијае на производството на друг хормон кој стимулира претерано лачење на себум.

Големата количина на себум може да ги запуши пораите и да предизвика појава на акни. А, кога ќе се појават акни, многумина кога се под стрес, не можат да престанат да го чепкаат лицето, што може да ја влоши состојбата и да создаде дополнителни воспаленија.

СУВА КОЖА

Кај некои лица, стресот може да биде причина поради која кожата на лицето во последно време им е премногу сува.

Горниот слој на кожата содржи протеини и липиди,кои ја одржуваат кожата влажна. Ако тој горен слој на кожата не функционира како што треба. Што е можно поради стресот, кожата може да стане сува и иритирана.

ОСИП И ИРИТИРАНА КОЖА

Општо е познато дека стресот неповолно влијае на имунитетот и дека го слабее. Ослабениот имунитет може да создаде дисбаланс во органзимот, а последиците може да бидат видливи на кожата во форма на осип или црвенило.

Стресот исто така може да биде и тригер за појава на многу кожни болести, како што се псоријаза, егзема и контактен дерматитис.

ТЕМНИ ПОДОЧНИЦИ И НАДУЕНОСТ

Темните и големи подочници може да бидат знак за ненаспаност како последица од стресен период. Исто така, недоволната количина на сон може да предизвика прерано стареење на кожата, намалена еластичност и појава на хиперпигментација.

БРЧКИ

Стресот влијае на протеините во вашата кожа и може значајно да ја намали нејзината еластичност. Поради таа намалена еластичност, брчки може да се појават многу побрзо од вообичаено. Поради тоа, и вие самите можете да влијаете на појавата на брчки ако сте под стрес. Ако често сте мрзоволни, изнервирани или тажни, несвесно се мрштите, што може да предизвика брчки на челото.

КАКО ДА ИЗЛЕЗЕТЕ НА КРАЈ СО СТРЕСОТ

Во денешно време, не е лесно, всушност, дури е и невозможно да се ослободите од секојдневниот стрес. Меѓутоа, постојат многу начини кои можат да помогнат во ублажување или спречување на појавата на хроничен стрес.

Благодарение на одредени навики, вашето тело ќе биде поздраво, помалку ќе бидете под стрес, а тоа ќе се забележи и на вашата кожа.

  • Хранете се здраво;
  • Бидете физички активни;
  • Спијте доволно;
  • Дозволете си себе си релаксирачки моменти;
  • Најдете хоби што ве исполнува;
  • Разговарајте со другите за вашите проблеми;
  • Избегнувајте алкохол и цигари.